Македонија Попоски: Државите од Балканот мора да бидат третирани како рамноправни партнери

Попоски: Државите од Балканот мора да бидат третирани како рамноправни партнери

Министрите за надворешни работи на државите од Западен Балкан, во рамки 71. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, се состанале со еврокомесарот Јоханес Хан и со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини. На состанокот, кој е дел од Јадранската повелба, со која годинава претседава Хрватска, било разговарано за поблиска регионална соработка и за активна поддршка од членките на ЕУ и на НАТО кои се наоѓаат во регионот, за целосна интеграција на земјите-кандидати.

– Меѓусебната поврзаност е од особена важност за напредокот на регионот. Мора заедно да ги урнеме стереотипите за Балканот. Државите од овој дел на Европа мора да бидат третирани како рамноправни партнери во европското семејство. Во повеќе кризни ситуации за ЕУ, истото се покажа во практика –  рече шефот на македонската дипломатија, Никола Попоски, на состанокот на иницијативата „Западен Балкан 6“.

Министрите на состанокот ја реафирмирале поддршката за полноправно членство во НАТО на сите земји од групата А5. Воедно, биле истакнати националните активности во превенцијата и во борбата против тероризмот и радикализмот и потребата од континуирана регионална соработка и соработка со НАТО и со ЕУ на овој план. Со оваа група, Македонија ќе претседава во 2017 година.

Како што соопштија од МНР, Попоски остварил и повеќе билатерални средби, меѓу кои и со бугарскиот министер за надворешни работи, Даниел Митов, со кого било договорено да продолжат разговорите за финализирање на Договорот за добрососедство и пријателство, како и со монголскиот министер за надворешни работи, Сенд Мунк-Оргил, со кого разговарал за реализација на иницијативи за економски олеснувања во корист на земјите без излез на море.