Дописници Поплавите предизвикаа политичка бура во битолскиот Совет

Поплавите предизвикаа политичка бура во битолскиот Совет

Поплавите во Пелагонија предизвикаа вистинска политичка бура на денешната седница на Советот на Општина Битола. Двете главни прашања на кои спореа советниците од власта и од опозицијата беа кој е виновен за оваа катастрофа што им се случи на пелагониските села и на полето, како и тоа кој треба да понесе одговорност за настанатите штети.

Советникот од опозициската ЛДП, Валентин Груевски, повика да се најде виновникот за поплавувањето на битолскиот дел на Пелагонија и да се поведе истрага доколку навистина се основани обвинувањата на дел од мештаните од Могила дека намерно биле срушени насипи на реката Црна кај Тополчани за да се спаси прилепското поле.

– Тие признаа дека ако беше исчистено коритото на Црна, штетите сега ќе беа за 50 отсто помали. Исто така, бараме да се открие и казни виновникот доколку се покажат како вистинити сомнежите дека насипот во Прилепско е срушен и, како последица на тоа, имаме вакви катастрофи во Могила и во Новаци – вели Валентин Груевски.

Советникот Александар Касапов обвини дека најголемата вина за поплавената Пелагонија е во актуелната власт.

– Ако вака се подготвуваат за невремето што остави десетици села и илјадници хектари под вода, навистина сакам да го прашам министерот Јанакиески што ќе се случаше ако не се подготвуваа – вели Касапов

Советниците од власта, пак, уверуваа дека локалните власти ги презеле сите мерки и сториле сè при една ваква природна непогода.

– Да не се користи ситуацијата за добивање политички поени. Ова што се случува во Битола и кај нашите соседи во Могила и во Новаци е последица на една природна катастрофа – вели Златко Милошевски, советник на ВМРО–ДПМНЕ.

На обвинувањата на опозицијата, одговорија и од Кризниот штаб на Битола, наведувајќи дека ако не се преземеа мерки за справување со водите на Црна, штетите би биле уште поголеми во Пелагонија.

А.Б.