Свет Европа Поплава разори село во Велика Британија

Поплава разори село во Велика Британија

Голема поплава вчера го опустоши Корнвол во Велика Британија. Уништени се куќи во селото Коврак, каде со хеликоптери се спасувало загрозеното население.

Локалните жители велат дека крајбрежното подрачје во попладневните часови било зафатено од силни дождови и од град. Невремето траело околу два часа, а нивото на водата во некои места достигнало и до метар и пол.

Брзаците ги поплавиле куќите и нанеле голема штета. Жителите на селото со хеликоптери биле вадени од своите домови.
Претставник на локалните власти за „Би-би-си“ изјави дека не можел да стигне до центарот на Коврак затоа што главната улица била под вода.

– Селото за неколку секунди беше поплавено. Не можеме да ја преминеме реката – изјави претставникот на властите.
Локална жителка за „Ај-ти-ви њуз“ изјави дека во селото нема објект кој не е поплавен или оштетен.

– Ова е ужасно. Куќа која се наоѓа спроти мојата за неколку секунди се наполни со вода – изјави таа.