Свет Европа Полска обвини дека два белоруски воени хеликоптери го нарушиле нејзиниот воздушен простор

Полска обвини дека два белоруски воени хеликоптери го нарушиле нејзиниот воздушен простор

Белоруските хеликоптери летале премногу ниско на полска територија и поради тоа не биле забележани од радарите на полската противвоздушна одбрана

Архивска фотографија од Aleksei Zaitcev на Unsplash

Министерството за одбрана на Полска ја обвини Белорусија дека два нејзини воени хеликоптери го нарушиле полскиот воздушен простор, навлегувајќи на 1 август на нејзина територија во регионот Бјаловеж, пренесува Ројтерс. Полските власти информираат дека станува збор за белоруски хеликоптери „Ми-24“ и „Ми-8“, а првите снимки од инцидентот се појавија утрово на Фејсбук.

Белоруските хеликоптери летале премногу ниско на полска територија и поради тоа не биле забележани од радарите на полската противвоздушна одбрана.

„Поради можност за понатамошни провокации, ние повикуваме на одговорно распространување и коментирање на информацијата, која може да биде искористена од рускиот и белорускиот режим“, се вели во соопштението на полското Министерство за одбрана.

Полска за овој инцидент го информирала и НАТО, а од Северноатланската Алијанса предупредија дека тие ја гарантираат заштитата на секој квадратен сантиметар од својата територија.

Од друга страна, белоруските власти реагираа дека обвиненијата за нарушување на полскиот воздушен простор се „пресилни“ и се направени од полското воено и политичко раководство за да ја оправдаат концентрацијата на воени сили и опрема на белоруската граница. Белорусија тврди дека полските власти немаат докази за инцидентот.