Свет Балкан Полицискиот и воениот синдикат повторно протестираа во Белград

Полицискиот и воениот синдикат повторно протестираа во Белград

Полицискиот и воениот синдикат денеска повторно организираа протест во центарот на Белград во обид да го свртат вниманието на тешката социјална положба на вработените во полицијата и во војската и, како што велат од синдикатите, колапсот на системот за безбедност.

Протестот симболично беше организиран во една минута до 12 часот, пред зградата на владата на Србија, а помина без инциденти и во присуство на полиција.

Две недели по првиот протест на синдикатот на војската, денеска протестот беше инициран од полицискиот синдикат, откако пропаднаа нивните преговори со ресорното министерство.

Претседателот на полицискиот синдикат на Србија, Вељко Мијаиловиќ, рече дека овојпат немало притисок на членовите на синдикатот тој собир да не се одржи.

– Дојдовме да му покажеме на народот на Србија како не третира владата на Србија – рече претседателот на синдикатот на војската, Новица Антиќ.

На протестите се придружи и Здружението на пензионираните воени лица на Србија, чии претставници истакнаа дека 3.200 воени пензионери немаат станови и „живеат по шупи“ без достоинство.