Хроника Полицијата заплени 40 килограми марихуана и уапси две лица во Охрид

Полицијата заплени 40 килограми марихуана и уапси две лица во Охрид

Секторот за внатрешни работи Охрид и криминалистичката полициија на Министерството за внатрешни работи вчера во координирана акција откриле и заплениле 40 килограми марихуана, во близина на автокампот „Андон Дуков“ во Охрид.

За време на акцијата полициските екипи извршиле претрес во метална барака на нива во близина на кампот, каде затекнале две лица од Охрид. На местото биле откриени и четири црни вреќи во кои имало 16 најлонски пакувања.

При претресот извршен по добиена наредба од судија на претходна постапка, во бараката, но, и во близина на брегот на Охридското езеро, дополнително биле пронајдени рибарски мрежи и друг рибарски алат и прибор како и мобилни телефони.

Двете лица се уапсени, а пронајдената дрога и другите предмети се одземени и дадени на вештачење во МВР.

Од СВР Охрид информираат дека во тек се мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе биде поднесена кривична пријава.