Главна секција Полицискиот час од утре од 21 до 5 часот, исклучок ќе има...

Полицискиот час од утре од 21 до 5 часот, исклучок ќе има ноќта меѓу 1 и 2 мај, за Велигден, и меѓу 13 и 14 мај, за Рамазан Бајрам

Фото: Суад Бајрами, Порталб.мк

Владата на денешната седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести и ги донесе измените на мерките за заштита и спречување на ширењето на ковид-19. Според нив, од утре, 28 април (среда), забраната за движење на населението и на возилата од јавен превоз на целата територија на државата, наместо од 20 часот, ќе важи од 21 до 5 часот наредниот ден.

Исклучок од посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан Бајрам, соопштија од Владата.

Од утре сите угостителски објекти ќе можат да работат само во отворените делови, односно на терасите, и тоа до 20.30 часот, после што треба да бидат затворени за посетители. Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе можат да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите. Останува забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично.

Исклучок се угостителските објекти на меѓународните аеродроми, како и во објектите за сместување (хотели, мотели, хостели, пансиони и друго) за лицата кои се сместени во нив, кои остануваат да работат како и до сега.

Според препораките на Комисијата, останува забраната за работа на сите вежбални, фитнес клубови, спортски центри и сали наменети за вежбање на затворен простор. Дејноста може да ја вршат на отворен простор, согласно соодветниот протокол.

Новите мерки ќе важат до 15 мај.