Македонија Покрај Мичел, неделава доаѓа и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис

Покрај Мичел, неделава доаѓа и американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис

Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис викендов ќе ја посети Македонија за да изрази јасна поддршка за претстојниот референдум за прашањето за името, но и загриженост поради можното мешање на Москва во процесот.

– Ќе одам да ги посетам нашите македонски пријатели и јасно ќе ставам до знаење дека САД го поддржуваат македонскиот народ – рече Матис во изјава за новинарите во Пентагон.

Матис истакна дека е загрижен дека Русија би можела да се обиде да се вмеша во референдумскиот порцес во Македонија.

– Ако имате гласање, Москва ќе се меша. Јас сум загрижен за тоа. Такво мешање Русија практикуваше од Естонија до Соединетите Американски Држави, од Украина и сега до Македонија, секогаш се прилагодува на конкретната ситуација – рече американскиот секретар за одбрана.

Утре, ќе допатува и помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, кој ќе оствари средби со премиер Зоран Заев и со други државни и партиски функционери.