Економија Покрај ЕУ, за третата фаза од пругата кон Бугарија средства размислува да...

Покрај ЕУ, за третата фаза од пругата кон Бугарија средства размислува да даде и ЕБОР

Доколку ЕБОР ги одобри средствата за третата и најтешка фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, тогаш финансиската конструкција за овој капитален проект би била речиси во целост заокружена

Фото: Архива на Мета.мк

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) информираше дека ја разгледуваат можноста да одобрат нов заем во висина од 175 милиони евра за изградба на третата фаза од пругата кон Бугарија, меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир. Кредитот би бил одобрен на Јавното претпријатие за железничка инфраструктура на РСМ, а со овие средства би се изградила пругата во должина од 23,4 километри.

Доколку ЕБОР ги одобри средствата за третата и најтешка фаза од изградбата на пругата кон Бугарија, тогаш финансиската конструкција за овој капитален проект би била речиси во целост заокружена.

На почетокот на изградбата на пругата од Куманово до Крива Паланка, од македонската влада во октомври лани информираа дека за третата фаза од пругата се обезбедени неповратни финансиски средства од ЕУ во висина од 210 милиони евра. Инаку, третата фаза од изградбата на пругата кон Бугарија е најтешка за изведба, поради тоа што на поголемиот дел од трасата треба да се градат мостови и тунели.

Основниот проект за изведба на пругата од Крива Паланка до Деве Баир е завршен, а распишувањето на тендерот за избор на компанија што ќе ја гради третата фаза беше најавено дека ќе се случи годинава. Железничката пруга од Куманово до македонско-бугарската граница е планирано да се заврши со изведба до 2027 година.

Ковачевски: Го разбирам скептицизмот на граѓаните за пругата кон Бугарија, но ќе работиме напорно [Галерија]