Дописници Поградец: Работен состанок за биодиверзитетот во езерата од Дримскиот Басен

Поградец: Работен состанок за биодиверзитетот во езерата од Дримскиот Басен

Во рамките на заедничкиот проект за заштита на биодиверзитетот во езерата во Дримскиот Басен, поддржан од Германското друштво за меѓународна соработка ГИЗ, денеска и утре, во Поградец, Република Албанија, се одржува работен состанок за компонентата за заштита на важните видови флора и фауна во езерата.

Во рамките на проектот веќе е подготвена листа на важни видови и на овој состанок целта ќе биде да се утврдат пет до 10 најважни и најзагрозени видови во секое од езерата, врз кои потоа ќе се врши надзор во согласност со критериумите и со директивите на ЕУ и во согласност со капацитетите на институциите.

На состанокот преставници од Министерството за животна средина и просторно планирање дискутираат за законските рамки и за новата стратегија за биодиверзитет во Република Македонија, а претставници на невладиниот сектор ќе зборуваат за нивната вклученост во истражувањата и во надзорот врз видовите.

– Овој процес е исклучително важен за состојбата на важните и на ендемичните видови и во Охридското Езеро и во Преспанското Езеро како уникатни вредности и бара посветеност на надлежните институции и од македонска страна – вели Дејан Паноски од Билатерален секретаријат за сливотна Охридско Езеро.