Економија Почнуваат истраги по аферата „Панама пејперс“

Почнуваат истраги по аферата „Панама пејперс“

Милиони документи и 2,6 терабајти информации протекоа од базата на една од најголемите адвокатски фирми од Панама, „Мосак Фонсека“, кои откриваат како богаташите ги перат парите, што е едно од најголемите протекување на информации во историјата, поголемо и од „Викиликс“, откритието на Едвард Сноуден.

Документите покажуваат дека компанијата со децении им помагала на клиентите да ги перат парите и да избегнуваат плаќање даноци.

Документите наречени „Панама пејперс“ ги добил германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари од Вашингтон и со други медиуми, вклучувајќи ги „Би-Би-Си“ и „Гардијан“.

Документите докажуваат поврзност на сегашните и на поранешни светски лидери со сметки на офшор-компании преку кои се переле пари. Меѓу другите, документите ги инволвираат и рускиот претседател Владимир Путин, украинскиот претседател Петро Порошенко, британскиот премиер Дејвид Камерон, аргентинскиот претседател Маурисиј Макриј, долгогодишниот египетски претседател Хосни Мубарак и сирискиот претседател Башар ал Асад.

Документите покажуваат дека исландскиот премиер Сигмундур Давид Гунлаугсон и сопругата поседувале обврзници вредни милиони долари во офшор-компанија, во време кога земјата поминувала низ финансиска криза.

Некои држави, како Австралија и Нов Зеланд, веќе почнале истраги за тоа кои од нивните богати државјани се клиенти на „Мосак Фонсека“.