Култура Почнува проектот „Бајки од Македонија“

Почнува проектот „Бајки од Македонија“

Издавачката куќа „Арс ламина“ ќе биде партнер на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“, во реализација на проектот „Бајки од Македонија“. Едицијата ќе содржи илустрирани бајки од македонското народно творештво, наменети за деца од предучилишна возраст.

Во изборот на бајки од македонското народно творештво, со својот стручен капацитет ќе се вклучи и Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, со што ќе се обезбеди квалитетна и соодветна селекција на бајките.

По изборот на приказни од македонското народно творештво, кон крајот на август 2015 година, Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“ ќе распише конкурс за илустрација на бајките, на кој ќе можат да учествуваат млади илустратори и дизајнери.

„Бајки од Македонија“ е втор проект на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“. Минатата година успешно беше реализиран првиот проект „Слатко со идентитет“.

Основна мисија на Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“ е поддршка на креативноста кај младите во функција на брендирање и креативна визуелизација на автентичните национални вредности.