Култура Почнува „Прилепско културно лето“

Почнува „Прилепско културно лето“

Со почетокот на ликовната колонија „Дрен“ и со концертот на Камерниот оркестар – Битола во Центарот за култура „Марко Цепенков“, вечерва во Прилеп почнува традиционалната манифестација „Прилепско културно лето“.

– Публиката и годинава ќе има можност да ужива во бројни настани од областа на сценско-музичката и ликовната дејност – вели директорот Тони Чатлески.
Колонијата „Дрен“ годинава се одржува по десетти пат. Во ликовното ателје, во дворот на Центарот  за култура, ќе творат десетина уметници од земјата и од странство.

Во 20 часот во ликовниот салон под мотото „Акустична рок-симфонија“ ќе настапи дел од Камерниот оркестар на Битола, кој во акустична верзија ќе исполни безвременски рок-композиции препознатливи за сите генерации. Камерниот оркестар основан пред неколку децении, составен е од професионални музичари и досега има бројни успешни концерти низ Македонија, а учествувал и на реномирани фестивали.

Исто така, во рамките на културното лето од 21 до 23 јуни, во киното „Мис Стон“ ќе се одржи Француски филмски фестивал.