Свет Европа Почна распитот на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон

Почна распитот на Асанж во еквадорската амбасада во Лондон

Во амбасадата на Еквадор во Лондон почна сослушувањето на основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж, во врска со обвиненијата за силување во Шведска во 2012 година. На првиот ден, сослушувањето е спроведено во присуство на обвинител од Еквадор и на шведската обвинителка Ингрид Исгред, задолжена за истрагата, соопшти шведското обвинителство.

Адвокатот на Асанж, Пер Самуелсон, изјави дека сослушувањето ќе трае неколку дена и додаде дека ниту неговиот клиент, ниту правосудните органи нема да даваат изјави додека трае истрагата.
Ова е прво сослушување на основачот на „Викиликс“, кој ќе може на правосудните органи да им ја изнесе својата верзија на настаните.

Шведските власти бараат информации во врска со наводите за сексуално злосторство врз две Швеѓанки, кои Асанж ги запознал во 2010 година.

Против Асанж сè уште не е поднесено обвинение.

За време на сослушувањето, со согласност од Асанж, ќе му биде земен ДНК-примерок за споредба.
По сослушувањето обвинителството на Шведска ќе треба да одлучи кои ќе бидат следните чекори во истрагата.

Асанж од 2012 година се наоѓа во амбасадата на Еквадор во Лондон, каде доби засолниште. Тој одбиваше да отиде во Шведска на испитување за истрагата за силување затоа што стравуваше дека Шведска ќе го испорача на САД, каде се бара поради објавување тајни документи за војните во Ирак и во Авганистан.

Пред амбасадата на Еквадор во Лондон денеска се собраа приврзаници на Асанж, кои носеа плакати на кои е испишано „Ослободете го Асанж“.