Главна секција Почна лидерската средба во Клуб на пратеници

Почна лидерската средба во Клуб на пратеници

Со доцнење од 40 минути, почна лидерската средба во Клубот на пратеници помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии, потписнички на Договорот од Пржино.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, пристигна последен и сакајќи да ги избегне новинарите, во клубот влезе од задната врата. Него го дочека Александар Ѓеорѓиев, кој е портпарол на Владата.

На средбата, освен Груевски, од ВМРО-ДПМНЕ присуствува и министерот за здравство, Никола Тодоров.

Претставници од СДСМ се лидерот Зоран Заев, заменик-претседателката Радмила Шекеринска и Рената Десковска.

Претставници на ДПА се лидерот Мендух Тачи и Имер Алиу, додека ставовите на ДУИ ќе ги застапуваат лидерот на партијата, Али Ахмети, и Артан Груби.

На средбата присуствува амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, и двајца претставници на Делегацијата на ЕУ во Скопје.

На денешната средба лидерите треба да направат пресек колку од условите што ги договорија на 20 јули се исполнети и дали во декември ќе се одржат избори.