Економија Почна етапната исплата на јулските пензии

Почна етапната исплата на јулските пензии

Фото: Порталб

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) извести дека денеска, 27 јули, започнува етапната исплата на јулските пензии. Пензиите ќе бидат исплатени предвреме и етапно, со цел да се овозможи поголема заштита на пензионерите во услови на опасност од коронавирусот, информира МТСП.

Подигањето на пензиите преку филијалите и експозитурите на банките за пензионерите кои не користат картички ќе се реализира во четири групи, според висината на пензијата:

За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата ќе се врши денеска;
За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата ќе се врши утре, среда;
За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата ќе се врши в четврток;
За пензии со висина над 18.001 денари, исплата ќе се врши в петок, 30.07.2021 година.

Пензионерите кои користат платежна картичка поврзана со сметката на која се префрлува пензијата, со парите можат да располагаат од денеска. Тие можат да ја подигнат пензијата на банкомат, да ги користат средствата за плаќање во трговската мрежа или за електронски плаќања.