Свет Балкан Почина Слободан Праљак откако испи отров во судницата во Хаг

Почина Слободан Праљак откако испи отров во судницата во Хаг

Слободан Праљак, генерал на војската на босанските Хрвати во војната во БИХ во 1990-тите, почина неколку часа откако во судницата на Меѓународниот трибунал испи отров од шишенце, јавија хрватските медиуми.

Праљак е познат како командантот осомничен за уривањето на стариот мост над Неретва во Мостар, кој сега е обновен.

При изрекувањето на пресудата, 72-годишниот Праљак, во еден момент ја зафрли главата наназад и испи нешто од мало шишенце. Веднаш потоа кажа дека испил отров.

– Судии, јас не сум воен криминалец. Со презир ја отфрлам оваа пресуда – рече Праљак, откако денеска беше потврдена пресудата против него од 2013 година, со која Меѓународниот трибунал за воени злосторства во поранешна Југославија му одреди 20 години затвор.

По инцидентот, рочиштето беше прекинато и Праљак беше префрлен во болница во Хаг, каде што, според хрватските медиуми, починал по неколку часа.

Претходно, Жалбениот совет на Хашкиот трибунал потврди казна од 25 години затвор за Јадранко Прлиќ, како и 20 години затвор за Бруно Соиќ за воени злосторства.