Забава Почина Галиено Фери, творецот на „Загор“

Почина Галиено Фери, творецот на „Загор“

Галиено Фери, легендарниот италијански стрип цртач и илустратор почина вчера во Џенова на 88-годишна возраст. Фери ќе остане запаметен како творец на познатиот стрип „Загор“, со кој освен во Италија, растеа и многу генерации, љубители на стрипот, на просторите на поранешна Југославија.

„Фери, почивај во Дарквуд. Денеска не напушти, откако проживеа еден прекрасен живот, сакан како ретко кој вистински творец на соништа“, напиша во порака сценаристот на „Загор“, Марено Буратини.

Ликот на Фери, Загор Те-неј беше еден од најпопуларните стрип-јунаци на просторите на поранешна Југославија, со кој , како што пишува хрватскиот „Јутарњи лист“, тој се вкорени во популарната култура.

Фери е роден во Џенова во 1929 година. На стрипот „Загор“ почнал да работи на почетокот на 1961 година заедно со сценаристот Серџо Бонели.

Тој ги има нацртано сите насловни страници на „Загор“ во оригиналната серија.

Фери ги илустрирал и првите две епизоди од стрипот „Мистер Но“, кога се појавил во 1975 година, а ги нацртал сите негови насловни страници од првиот до 115. број.