Подглавна секција Почина актерот Метју Пери, ѕвездата од серијата „Пријатели“

Почина актерот Метју Пери, ѕвездата од серијата „Пријатели“

Во моментов нема сомнежи за кривично дело, но инцидентот е под истрага на Одделот за грабежи и убиства на полицијата во Лос Анџелес

колаж со фотографија од Ворнер Брос ТВ / социјална мрежа Х

Американскиот актер Метју Пери, најпознат по улогата на Чендлер Бинг во телевизискиот ситком од 90-тите години – „Friends“ (Пријатели), почина на 54-годишна возраст.

Актерот бил пронајден мртов во својот дом во Лос Анџелес. Тамошната полиција ја истражува смртта, јави Си-ен-ен.

Во моментов нема сомнежи дека станува збор за кривично дело, но инцидентот е под истрага на Одделот за грабежи и убиства на полицијата во Лос Анџелес.

Лос Анџелес Тајмс објави дека Пери починал во „очигледна несреќа со давење во неговиот дом“ и дека бил пронајден во када со топла вода во неговата куќа.

Хит-серијата „Пријатели“, која ги следи животите на шест млади лица во Њујорк, се емитуваше од 1994 до 2004 година. Нејзината последна епизода била гледана од 52,5 милиони луѓе во САД, што ја прави најгледана телевизиска епизода во 2000-те.

„Метју беше неверојатно надарен актер и неизбришлив дел од семејството на телевизиската група ‘Ворнер Брос’. Влијанието на неговиот комичен гениј се чувствува низ целиот свет, а неговото наследство ќе живее во срцето на многумина. Ова е ден што ни го скрши срцето и ја испраќаме нашата љубов до неговото семејство, неговите најблиски и сите негови посветени обожаватели“, напишаа од „Ворнер Брос ТВ“, компанијата што ја продуцираше серијата „Пријатели“.

Улогата на Чендлер во оваа серија му помогна на Пери набргу потоа да ги добие улогите и на големото платно во „Fools Rush In“ (Будалите влетуваат) во 1997 година, „Almost Heroes“ (Речиси херои) во 1998 година и „The Whole Nine Yards“ (Сите девет јарди) во 2000 година.

Во ноември минатата година Пери објави мемоари со наслов „Friends, Lovers, and the Big Terrible Thing: A Memoir“ (Пријатели, љубовници и големата страшна работа: Мемоар) во која зборува за неговата злоупотреба на опијати, која довела до оштетување на дебелото црево кога имал 49 години. Лекарите му дале 2 отсто шанса за преживување и бил во кома две недели, а во болница уште неколку месеци.

На актерот му биле потребни 14 операции за да се поправат сите стомачни оштетувања, а во книгата признава дека одел на рехабилитација 15 пати во текот на својот живот со надеж дека ќе се ослободи од зависноста од дрога.