Свет Балкан По вчерашниот земјотрес во Петриња, хрватската влада го прогласи 2 јануари за...

По вчерашниот земјотрес во Петриња, хрватската влада го прогласи 2 јануари за ден на жалост

Фото: Принтскрин

Хрватската влада го прогласи 2 јануари 2021 година за ден на жалост по разорниот земјотрес што вчера во 12 часот и 15 минути, со јачина од 6,3 степени според Рихтер, ја погоди Хрватска, со епицентар 47 километри југоисточно од Загреб, во близина на Петриња, град блиску до Сисак.

„После уште една голема трагедија, еден уништувачки потрес, кој однесе 7 животи и 26 повредени, изразуваме сочувство кон семејствата на настраданите“, изјави претседателот на хрватската влада Андреј Пленковиќ, додавајќи дека сѐ уште се трага пo повредените во земјотресот, ја пренесува изјавата на премиерот кабелскиот канал Н1.

„Владата денеска донесе одлуки во врска со земјотресот, а пред сѐ за прогласување на ден на жалост на 2 јануари, а наскоро ќе отвориме и државна сметка за помош на настраданите“, рече тој, додавајќи дека е потребно, помошта во повеќе хрватски градови и жупании да тече организирано, на структурен начин и со цивилна заштита.

Тој упати апел до граѓаните да бидат внимателни и да не прифаќаат лажни сметки за донации, а за пропусниците рече дека е донесена одлука за нивно укинување.

„Ги молиме сите да бидат внимателни и да се придржуваат до епидемиолошките мерки. И натаму се бориме со ковид-19, и не би било добро да се опуштиме“, истакна Пленковиќ, и додаде дека ЕУ покажала спремност за помош за настанатите штети од земјотресот во подрачјето на Петриње.

Инаку, од вчера напладне, по главниот удар во 12:15 часот, дваесетина помали потреси ја погодија Хрватска.

Во меѓувреме, светот праќа помош за настраданите лица во земјотресот. Од Словенија стига првата помош, откако Хрватска го активираше Механизмот на ЕУ за цивилна заштита, програма за пружање на итна помош, извести хрватската Управа за цивилна заштита.

Освен Словенија, на барањето за помош досега се оѕваа и Австрија, Италија, Грција, Романија, Шведска и Чешка, со шатори, кревети, вреќи за спиење, контејнери за живеење, светилки, електрични греалки и друга помош.