Дописници Пливачите – маратонци апелираат за заштитата на Охридското Езеро

Пливачите – маратонци апелираат за заштитата на Охридското Езеро

Во пресрет на утрешниот пливачки маратон, невладината асоцијација „Охрид – СОС“, укажа на потребата од поголема грижа за заштита на Охридското езеро, анимирајќи дел од професионалните пливачи да се јават со поддршка.

Од „Охрид – СОС“, преку допис до медиумите, укажаа на опасноста што му се заканува на езерото и поширокиот еко-систем доколу се реализираат предложените измени на Урбанистичкиот план на Охрид, како и неколку други урбанистички проекти.

Една од директните последици од градежните, а еколошки опасните подвизи околу и во езерото, меѓу другото е и постепена, но сигурна деградација на квалитетот на водата. А тоа е средината неопходна за пливање, основен предуслов за професионалните пливачи на отворени води.

Заложбите за заштита на езерото ја добија поддршката од некои од најдобрите маратонски пливачи во светот, а отворено својот став го изрази и нашиот Евгениј Поп – Ацев, двапати второрангиран на светската листа на пливачи на отворени води и фаворит за победник на овогодинешниот маратон. Тој рече:

– Заштитата на Охридското езеро е битна за мојот спорт зашто пливачите сакаат да пливаат во чиста вода, тоа ја прави трката поубава, а исто така би останала трка во најубави услови и вода во целиот свет. Мислам дека сите пливачи би се сложиле со тоа – пренесуваат од „Охрид – СОС“.

Покрај него, поддршка добиле и од победникот на минатогодишниот Охридски маратон и двоен олимпиец, Белгијанецот Брајан Рајкеман, Канаѓанецот Завие Дешарне, моментално второ-рангиран во светот, потоа Германецот Александер Стуѕински, двапати второпласиран на Охридскиот маратон, Аргентинецот Дамиен Блаум, поранешен ФИНА гранд-при шамион, олимпиец и повеќекратен учесник на Охридскиот маратон, како и поранешната ФИНА гранд-при шампионка и победничка на Охрискиот маратон во 2007, Шпанката Естер Нунез, и Мексиканката Заира Карденас. Сите, со споделување на Петицијата на „Охрид – СОС“ преку своите твитер профили се вклучија кон информирање на светската јавност и ширење на повикот за ургентноста и неопходноста за заштита на Охридското Езеро.