Македонија Платите на наставниците од месецов се зголемуваат за 15 отсто

Платите на наставниците од месецов се зголемуваат за 15 отсто

Зголемувањето на платите ќе важи за вработените во сите основни и средни училишта во земјава

Извор на фотографија: МОН

Платите на наставниците и на другите вработени во основните и средните училишта од месецов ќе се зголемат за 15 отсто. Министерот за образование и наука Јетон Шаќири и претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков потпишаа спогодба која предвидува зголемување на платите на вработените во основните и средните училишта за 15 отсто, почнувајќи од тековниот месец септември, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

„Чест ми е што токму во време на мојот мандат како министер за образование и наука во 2022 и 2023, практично во период од само една година, платите на наставниците се зголемени во три наврати, односно кумулативно за над 35 отсто. Ова е само потврда дека навистина имаме намера да го вратиме дигнитетот и достоинството на наставниците“, рече министерот Шаќири.

Задоволство изрази и претседателот на СОНК, Неделков, кој посочи дека само со мотивирани наставници можат да градат добра иднина за државата. Истакна дека како синдикат, ќе продолжат да се заложуваат за подобрување на правата и можностите на просветните работници и во иднина, а очекува наскоро да се постигне согласност за измени во колективниот договор, со кои уште повеќе ќе се стимулира работата на оние кои директно ги пренесуваат знаењата на учениците.

Освен покачувањето на платите, во меѓувреме продолжуваат и континуираните обуки на наставниците, како единствен начин постојано да јакнат нивните професионални компетенции, отворајќи им можности за кариерен развој во звања ментор и советник.

Во период од три години, во звање ментор, напредувале 250 наставници од основните училишта кои се носители на промените што се случуваат за поквалитетна настава. Владата и Министерството за образование и наука обезбедуваат системска поддршка за наставниците, информираат од МОН.