Свет Балкан Писториус: Србија и Република Српска се врата за руско влијание

Писториус: Србија и Република Српска се врата за руско влијание

Русија постојано наоѓа плодна почва во Србија и Република Српска за обиди да го дестабилизира и прошири своето влијание, на пример преку кампањи за дезинформации и влијание врз медиумите, рече германскиот министер за одбрана

Фото: Soeren Stache/dpa

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус ја оцени ситуацијата во Босна и Херцеговина како кревка и оцени дека НАТО и Европската Унија можат да направат повеќе за зачувување на мирот, дури и со испраќање дополнителни војници во европската Мировна мисија, пренесе германската новинска агенција ДПА.

Тој ги опиша Србија и Република Српска како „плодна почва“ на руското влијание.

Ова може да вклучи зајакнување на сојузничкото воено присуство за заштита на суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина, рече тој за време на посетата на германските војници во мисијата на ЕУ Еуфор Алтеа вчера во Сараево.

„Русија постојано наоѓа плодна почва во Србија и Република Српска за обиди да го дестабилизира и прошири своето влијание, на пример преку кампањи за дезинформации и влијание врз медиумите“, рече Писториус.

Тој додаде дека тензијата предизвикана од ова на Западен Балкан диктира да се продолжи со мерките за стабилизација.

Писториус оваа недела ја посети Приштина, а ќе патува и од Сараево за Белград.