Главна секција Петто продолжение на конститутивната седница на Собранието

Петто продолжение на конститутивната седница на Собранието

Денеска во 11 часот, конститутивната седница на Собранието ќе продолжи по петти пат. На дневен ред, како и претходните четири дена, е изборот на членови и на претседател на Комисијата за избори и за именувања и изборот на претседател на Собранието.

Вчера седницата неколкупати беше прекинувана затоа што наместо расправа по точките од дневниот ред, пратениците меѓусебно си даваа процедурални забелешки.

Претседавачот Трајко Вељаноски на крајот на четвртото продолжение на седницата соопшти дека таа поминала само со пет реплики и контрареплики, но со дури 50 процедурални забелешки.

Освен процедуралните забелешки, во фокусот на дебатата на вчерашната седница повторно беше платформата на албанските партии, но и студентите и условите во студентските домови, како и субвенциите на земјоделците.

Новото парламентарно мнозинство побара Трајко Вељаноски повеќе да не седи на претседавачкото место.