Македонија Петровски, Даштевски и Михајловски ја промовираа едицијата „Црните денови на УДБА“

Петровски, Даштевски и Михајловски ја промовираа едицијата „Црните денови на УДБА“

Денеска во Музејот на македонската борба беше промовирана едицијата „Црните страни на УДБА – Историја што чека да биде откриена“, во издание на Државниот архив на Република Македонија. Станува збор за, како што посочија издавачот и организаторот на промоцијата, материјал од 13.000 страници, во кои се поместени досиејата на видни личности од општествено-културниот живот, кои биле под лупата на тогашната тајна полиција (УДБА), во период од 55 години, односно од 1945 година наваму.

Едицијата ја промовираше директорот на Државниот архив, Филип Петровски, а модератор беше актерот и уметнички директор на МНТ, Тони Михајловски. Гостин на промоцијата на едицијата беше дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Оливер Андонов. За едицијата говереше и Александар Даштевски, кој како и Андонов и Михајловски, е еден од активистите на Граѓанското движење за одбрана на Македонија (ГДОМ).

Петровски истакна дека станува збор за издание кое е „сведоштво за едно време, во кое воопшто не било лесно да си неистомисленик и мета на УДБА“.

Тој ги промовираше деветте томови од едицијата, тематски насловени, според содржината на досиејата и личностите кои биле предмет на обработка од УДБА. Едицијата почнува со „Елиминација на ВМРО по 1945 година“, како што е насловен првиот том, и продолжува со „Информбирото“, „Помалку познати судбини“, потоа досиејата, меѓу кои е и она на првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, за Ристо Шишков, до „Следење и обиди за растурање на ВМРО-ДПМНЕ“. Последниот том е насловен „Лустрацијата недовршен процес“.

На промоцијата на едицијата посебен акцент беше ставен на следењето и досиејата за членови на ВМРО-ДПМНЕ кои биле правени по осамостојувањето на Македонија во 1991 година.

Правејќи паралела со прислушуваните разговори, кои се актуелни во моментов, и прашањето дали се направени законски или не, Даштевски посочи дека сите материјали во едицијата, кои се само 2 отсто од вкупниот број досиеја, се однесуваат на активности на УДБА кои биле правени нелегално и кои покажуваат како биле газени човековите права.

– Поради неспроведената лустрација, веднаш по осамостојувањето, наследниците на поранешниот режим преземаат масовни мерки за следење на членови на партијата ВМРО-ДПМНЕ. Се поставува прашањето, не треба ли Јавното обвинителство да поведе постапка против тие што го правеле тоа – рече Даштевски.

Тој посочи дека „оваа состојба“ продолжила и по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 1998 година, кога министер за внатрешни работи бил Павле Трајанов, а завршила со назначувањето на Доста Димовска на негово место.

Промоцијата на едицијата ја заврши Михајловски, кој, надоврзувајќи се на обраќањата на Петровски, истакна дека обемното издание, меѓу другото, сведочи и за тоа дека „Македонецот не може да го скрши ниедна служба во светот“.