Алијансата за Албанците (АА)на Зијадин Села и крилото на Беса предводено од Биљал Касами не разговарале можноста на претседателските избори да настапат со свој кандидат, иако во двете партии има желба за такво нешто, јавува „Порталб“.

– За ова прашање не е разговарано со движењето Беса.  Факт е дека има заедничка желба тоа да се случи, но нема договор. Денеска Централниот совет ќе одржи состанок и ќе донесе одлука за тоа  – за „Порталб“ изјави Флакрон Беџети, портпарол на АА.

Пратеникот на Беса, Фадил Зендели ги отфрла пишувањата во медиумите дека е постигнат договор на двете партии за заеднички претседателски кандидат на албанската опозиција, но вели оти идејата постои и дека веќе се разговара.

– Се дискутира да се оди со заеднички кандидат на претседателските избори. Има намера да се оди со кандидат, има идеја и желба, но нема договор. Денеска ќе одржиме консултации со помал круг на партиското водство и ќе донесеме став за ова  прашање – вели Зендели за „Порталб“.

Претходно во некои медиуми се појавија написи дека двете партии веќе се договориле да учествуваат со заеднички кандидат на на претседателските избори.

Инаку, ДУИ се откажа од идејата за консензуален кандидат на владејачкото мнозинство и реши да настапи со свој кандидат, но се уште не соопштила кој ќе биде тоа. СДСМ својот кандидат ќе го избере на конгрес на 3 март, додека ВМРО-ДПМНЕ се очекува да го соопшти својот кандидат деновиве.

Партијата распиша јавен конкурс на кој секој граѓанин можеше да се номинира за претседателски кандидат што ќе ја добие поддршката на ВМРО-ДПМНЕ. Единствените што досега соопштија дека влегуваат во таа трка се пратеникот Владимир Ѓорчев и Филип Петровски, еден од главните имиња на движењето „Бојкотирам“, а професорката Гордана Силјановска – Давкова од Правниот факултет во Скопје доби поддршка од триесетина професори за нејзина кандидатура како натпартиска личност.