Македонија Петровска: Во 2012 имало само една жена полковничка, денеска имаме седум

Петровска: Во 2012 имало само една жена полковничка, денеска имаме седум

Фото: Министерство за одбрана

Долги години, за жал, владееја стереотипите дека безбедносниот сектор, особено високите раководни позиции, се резервирани исклучиво за мажите. Но, со нашата упорност, истрајност и мудрост успеавме тоа да го промениме. Ова го истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање на конференцијата насловена „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта” во организација на Министерството за труд и социјална политика.

Таа зборуваше за позитивните примери за родова еднаквост во одбраната и во Армијата и сподели факти за развојот на родовата перспектива за жените во униформа.

„Во 2012 година процентот на застапеност на жените во униформа бил 5,7 отсто, а денеска процентот на застапеност е 10,8 отсто. Висок раст бележи и процентот на жените офицерки кои во 2012 година биле само 9 отсто, а денеска тој процент е удвоен – 18 отсто. Во 2012 само една жена била полковничка – денес тие се седум. Во Министерството за одбрана, вкупната застапеност на жените е 47 проценти, а на 48 проценти од раководните позиции се поставени жени“, подвлече Петровска.

Жените во одбраната и Армијата, додаде таа, се добредојдени и во никој случај не смеат да бидат омаловажувани, дискриминирани или, пак, да бидат попречувани во развојот на нивната кариера.

„Секоја од нас е подготвена да одговори на сите предизвици со кои се соочуваме, да се вложи целосно и да биде подеднакво успешна, не само затоа што е жена, туку затоа што навистина сме способни и ние тоа да го направиме. Минатата недела потпишав назначување на првата жена началник на секција во рамките на Генералштабот на Армијата, и тоа го направив не само затоа што е жена, туку затоа што станува збор за офицерка која навистина има капацитети и вредности“, рече Петровска.