Спорт Перо Антиќ бурно поздравен од навивачите на Олимпијакос во Атина

Перо Антиќ бурно поздравен од навивачите на Олимпијакос во Атина

Страсните навивачи на грчкиот кошаркарски гигант Олимпијакос не ја заборавија љубовта и почитта кон македонската НБА-ѕвезда Перо Антиќ.

Антиќ, кој викендов се најде во Атина за да го проследи натпреварот меѓу вечните ривали Олимпијакос и Панатинаикос, беше френетично поздравен и испратен од навивачите кои верно го следеа две години додека играше за црвено-белите во Пиреа.

Во моментот кога заминуваше од салата на стадионот на Олимпијакос, навивачите громогласно и бурно го поздавија, извикувајќи го неговото име, покажувајќи на овој начин дека спорот за името и политичките проблеми немаат место на спортските терени.

Антиќ беше две години во тимот на Олимпијакос и со него во тимот црвено-белите двапати ја освоија европската шампионска титула.

Македонскиот кошаркар и неговото семејство од првиот момент беа одлично прифатени и од соиграчите, но и од страсните навивачи на грчката кошаркарска сензација, без да има какви било проблеми поради политичкиот спор.

Навивачите на црвено-белите редовно го дочекуваат позитивно и со голема љубов при секоја негова посета на Атина и на натпреварите на Олимпијакос.

М.П.