Македонија Перформанс пред Владата: Заслужуваме подобро

Перформанс пред Владата: Заслужуваме подобро

Коалицијата „Граѓаните за Македонија“ одржа протестен перформанс – фотографирање со големи букви кои ги држеа нивните активисти и заедно направија голем натпис „Заслужуваме подобро“.

Од платформата велат дека граѓаните имаат право да ги контролираат политичарите, да ја знаат нивната имотна состојба и да бидат прашани како се трошат нивните пари. Тие сметаат дека граѓаните заслужуваат јавните пари да се користат за нивните вистинските потреби, а не за споменици, бронзени огради, „мерцедеси“ и за патувања.

„Не заслужуваме власт која ги задолжува нашите деца и внуци. Не заслужуваме власт која неодговорно троши на чоколада, кога немаме ни за леб. Од 2006 година досега, власта нè задолжила повеќе од 4 милијарди долари. Кој ќе ги враќа овие пари? Затоа, бараме власт која нема да троши на луксуз, туку ќе се бори против немаштијата. Бараме одговорност од власта за сè што е украдено од граѓаните, а украдените пари да им ги вратат назад на граѓаните. Во Македонија предолго ги толерираме корумпираните политичари. Бараме корупцијата да не биде исплатлива дејност. Бараме политичарите да не се чувствуваат сигурно и да одговараат доколку крадат, лажат и се корумпирани“, велат од „Граѓаните за Македонија“.

Активистите побараа институциите да функционираат и да се борат против корупцијата, а квалитетот на услугите на институциите да не зависи од подмитување и од партиски притисоци.