Македонија Пендаровски во Давос: Регионот има две чувствителни точки – Република Српска и...

Пендаровски во Давос: Регионот има две чувствителни точки – Република Српска и северот во Република Косово

Foto> Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на учеството на Светскиот економски форум во Давос, денеска се обрати на панел сесијата „Во одбрана на Европа“. Прашан за безбедносните предизвици на Западен Балкан, посочи дека во регионот има две чувствителни точки – Република Српска и северот во Република Косово, каде што има обиди за нарушување на интегритетот на БиХ и Косово. Претседателот Пендаровски оцени дека ранлива точка во европската безбедносна архитектура, настрана од Украина, е Западниот Балкан и НАТО и ЕУ треба да обрне внимание на ова.

Пендаровски оцени и дека покрај војната во Украина, предизвиците и мултиплицирањето на кризата охрабрува покажаната солидарност, не само на европско ниво, туку и трансатлантската солидарност, што, според негова оценка, е на ниво кое не било со години и оттаму треба да се црпи надежта за годината пред нас.

Претседателот Пендаровски посочи дека неопходно е и по завршување на војната во Украина да биде одржана европската, како и трансатлантската обединетост и солидарност, додека ако секој се сврти кон националните интереси, тоа ќе биде тешко одржливо. Претседателот потенцираше дека демократиите мора да се држат заедно, и да се борат за зачувување на демократските вредности затоа што во спротива ќе преовладаат автократските и диктаторските режими. Најважно, според него, е да биде одржана целосна обединетост и солидарност по завршување на војната во Украина.

Покрај претседателот Пендаровски, на сесијата „Во одбрана на Европа“, учествуваат и претседателите на Полска, Анджеј Дуда, и на Литванија, Гитанас Науседа, министерот за надворешни работи, ЕУ и соработка на Шпанија Хозе Мануел Алваерез Буено и лидерка на Демократските сили на Белорусија, Светлана Тихановскаја

Годишниот состанок на Светскиот економски форум во Давос, насловен „Соработка во фрагментиран свет“ се одржува од 16 до 20 јануари 2023 година, а учествуваат лидери од политиката, бизнисот и граѓанското општество кои ќе дебатираат за состојбата во светот и за приоритетите за годината што претстои.