Македонија Пендаровски: Надвор од реалноста е барањето уставните измени да важат по приемот...

Пендаровски: Надвор од реалноста е барањето уставните измени да важат по приемот на Македонија во ЕУ

Македонскиот претседател додаде дека ќе биде тешко остварливо да добиеме нови заклучоци од Европскиот совет, како би можеле да ги усвоиме уставните измени со одложено дејство

Фото: Кабинет на Претседател на РСМ

Претседателот Стево Пендаровски денеска го оцени како нереално барањето на ВМРО-ДПМНЕ уставните измени да се донесат, но да бидат со одложено дејство откако Македонија ќе стане земја-членка на ЕУ. Пендаровски вели дека лично би сакал да може тоа да се направи, но е апсолутно надвор од реалноста.

Пендаровски вели дека заклучоците на Европскиот совет се кристално јасни, во кои е наведено дека Македонија мора да ги направи уставните измени до крајот на скрининг процесот, за да може по автоматизам да продолжиме како земја со втора меѓувладина конференција со ЕУ и отворање на поглавјата.

Македонскиот претседател додаде дека ќе биде тешко остварливо да добиеме нови заклучоци од Европскиот совет, како би можеле да ги усвоиме уставните измени со одложено дејство.

„Тоа е нереално. Се надевам дека тоа не се користи како изговор за да не се влезе во уставните промени. Бев изненаден кога чув дека главната опозициона партија е подготвена да биде дел од Владата со пет ресори и да гласа од позиција на владејачка партија. За уставни проемни може да гласате и од позиција на опозиција“, изјави претседателот Пендаровски.

Тој додава дека и ако денеска се почне со процесот на уставни измени, за промени на Уставот се потребни најмалку три и пол месеци, а притоа треба да се искалкулира и дека во август парламентот не работи.