Главна секција Пендаровски: Ќе им служам посветено на сите, ќе обединувам и нема да...

Пендаровски: Ќе им служам посветено на сите, ќе обединувам и нема да делам

Фото: Борче Поповски

На кристално чисти, фер, демократски избори победија граѓаните, свечено сакам да објавам дека ќе им служам посветено на сите, рече вечерва Стево Пендаровски од партиското седиште на СДСМ каде што се славеше неговата изборна победа на претседателските избори.

– Ќе се залагам за правичност и правна држава, ќе обединам нема да делам, ќе бидам фактор на стабилност не на кризи. Ќе бидам претседател на сите. Ќе бидам поддршка на Владата за важни прашања за граѓаните, ќе забележувам, сугерирам и критикувам секаде каде што може повеќе. Ќе бидам претседател на држава, од која нема да се срамите тука и во странство – рече Пендаровски.

Тој додаде дека исходот од овие избори значи загарантиран пат напред, како дел од ЕУ и НАТО.

Според премиерот Зоран Заев имавме успешни и демократски избори и во европски дух, избравме европски претседател.

– Имавме беспрекорно чисти избори во двата изборни круга. Покажавме дека сме подготвени за Европа. Од денес па натаму ништо не е исто. Никој не може да застане на патот на прогресот и перспективите. Од пребројани 96,5 проценти од гласовите Пендаровски има над 423.000 гласа, а Гордана Силјановска Давкова 356.800 гласови. Разликата е  повеќе од 55.000 гласови. Вечерва имаме и победа на градоначалничките избори во Охрид и Ново Село“ рече Заев.

Според него она што е важно за нашата земја е да стане полноправна членка на НАТО и да се почне со преговорите со ЕУ.

„Продолжуваме да ги насочиме парите кон граѓаните. Да се отстранат слабостите во владеењето, сите функционери мора да му служат на народот. Да се стави крај на поделбите внатре и надвор“, рече Заев во однос на тоа каде државата би се движила во иднина.