Економија Партнерството со Светска банка ќе се продолжи со нова петгодишна програма

Партнерството со Светска банка ќе се продолжи со нова петгодишна програма

На средбата велат дека економските перформанси на Македонија се позитивни во првата половина од оваа година и се предвидува дека учеството на капиталните расходи од 5 проценти од БДП на годишно ниво ќе има значајна улога во генерирање економски раст

фото: Министерството за финансии

На денешната средба во Маракеш, Мароко беше потврдено партнерството на Северна Македонија со Светската банка со нова петгодишна програма, информираат од Министерството за финансии. 

На средбата било разговарано за економските перформанси на Македонија, за кои се утврдило дека се позитивни во првата половина од оваа година и се предвидува дека учеството на капиталните расходи од 5 проценти од БДП на годишно ниво ќе има значајна улога во генерирање економски раст.

„Значајна е обезбедената поддршка во услови на економска несигурност и негативното влијание од Ковид-19 и војната во Украина, како и проектите што се спроведуваат во моментов, а се однесуваат на подобрување на општинската инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, енергетската ефикасност, реформи во социјалниот сектор и основното образование“ вели министерот Бесими за соработката со СБ.

Се најавува дека партнерството ќе продолжи и во иднина, а до крајот на годинава очекуваат да се заокружи новата петгодишна програма. Проектите што ќе бидат опфатени во програмата се веќе дефинирани, а ќе значат одржување на реформскиот процес на патот на пристапување кон ЕУ и обезбедување поодржлив, отпорен и зелен раст.

Исто така, се очекува одобрување на заем за развојни политики од околу 100 милиони долари, насочен кон поддршка на процесот на реформа на јавната администрација, справување со неформалната економија, како и за поддршка на мерките и активностите предвидени со Планот за забрзан економски раст.

На средбата беа присутни и потпретседателката на Светска банка Антонела Басани, извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе и директорката на Светската банка за Западен Балкан Шиаочин Ју.