Свет Европа Парламентарните избори во Шпанија без јасен победник

Парламентарните избори во Шпанија без јасен победник

Партијата со најмногу освоени гласови - конзервативната Народна партија, не би имала доволно пратеници доколку формира коалиција со крајнодесничарската Вокс

Фото: Øyvind Holmstad, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Десничарската Народната партија (ПП) освои најмногу гласови на вчерашните избори во Шпанија со 33,1 отсто од гласовите, додека на второ место е Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) со 31,7 отсто од гласовите. На трето место се национал-конзервативците Вокс – со 12,4 отсто освоени гласови.

Овие резултати укажуваат дека коалиција составена од конзервативната ПП и контроверзната Вокс не би имала доволен број на пратеници за да се постигне мнозинство во собранието, пишува Дојче Веле.

Предвремените избори беа распишани од владејачката социјалистичка партија како реакција на поразителните резултати за левичарскиот блок на локалните избори во мај годинава.

Предвидувањата пред изборите беа дека победничката коалиција ќе биде таа помеѓу Народната партија и национал-конзервативната партија Вокс, со доволен број на пратеници, извести Си-ен-ен. Но, оваа коалиција би била контроверзна бидејќи првпат крајнодесничарска партија би била на власт во Шпанија по падот на диктаторот Франциско Франко во 1975 година.

Во својот манифест, партијата Вокс ветува дека ќе ја намали регионалната автономија, ќе ги замени автономните регионални полициски сили со националната Гардија цивил и ќе наметне построги казни за силувачите и педофилите, како и повлекување на тукушто изгласаниот закон за еднаквост за ЛГБТК луѓето. Дополнително, Вокс најавува замена на законот за заштита од родово-базирано насилство со закон „кој ја штити секоја можна жртва на насилство во семејна средина“.

Бројот на осовоени пратенички места на партијата Вокс е паднат од 52 на 33.

Ако ПП одлучи да коалицира со Вокс, со што би немале мнозинство во собранието, неизвесно е дали некоја од другите помали партии би сакала да се приклучи на таа коалиција. На четврто, петто и шесто место на изборите се една левичарска партија и две локални каталонски партии кои се залагаат за независност за Каталонија – политика која е во тотална спротивставеност со централизирачките политики на Вокс.

На интервју со „Ел Мундо“ во петокот, лидерот на ПП Алберто Нуњез Фејхо рече дека не сака да открие два дена пред изборите со кого би формирал коалиција, но рече дека коалиција со Вокс „не би била идеална“. Истовремено, ПП и Вокс имаат формирано многубројни коалиции на локално ниво. 

Инаку, неизвесно е и дали владејачката ПСОЕ би сакала да формира коалиција со каталонските партии, особено ако тие како услов бараат референдум за независност на Каталонија, анализираат од Дојче Веле.