Свет Папата планира да џвака листови кока за време на посетата на Боливија

Папата планира да џвака листови кока за време на посетата на Боливија

Папата Франциск, наводно, побарал да џвака листови кока за време на неговата посета на Боливија, јавува „Би-Би-Си“, повикувајќи се на изјава на министерот за култура на Боливија, Марко Мачикао.

Коката, која е сурова состојка на кокаинот, се користи на Андите, илјадници години наназад, како средство против висинска мачнина и како благ стимуланс.

Според Мачикао, боливиската влада му понудила на папата чај од кока, но поглаварот на Римокатоличката црква, наводно, „строго барал“ да џвака листови кока.

Ватикан сè уште не излегол со коментар на ваквите тврдења.

Посетата на папата на Боливија е планирана за 8 јули.

Листовите кока се прогласени за нелегална супстанца со Ковенцијата на Обединетите нации за наркотични дроги од 1961 година.

Сепак, употребата на листови кока од религиозни и од медицински причини е легална и дозволена во Боливија.

Голем број Боливијци ја сметаат коката за свето растение и нивното џвакање и подготовката на чај се многу популарни во земјата.