Свет Пакистан: Најмалку 26 лица починале од отровен алкохол

Пакистан: Најмалку 26 лица починале од отровен алкохол

Најмалку 26 лица од областа Пенџаб, во источниот дел на Пакистан, починале, а дванаесетмина се тешко болни откако пиеле отровен алкохол во неделата за Божиќ, соопштиле локалните власти, пренесува „Би-би-си“.

Починатите, од кои 24 биле христијани, а двајца муслимани, консумирале домашна ракија, која ја набавиле од засега непознато место. Полицијата почнала истрага за да открие каде бил направен и продаден алкохолот.

Во Пакистан постојат строги закони за продажба на алкохол. На муслиманите им е строго забрането консумирањето алкохол, додека на припадниците на христијанската и на другите малцински заедници им се потребни посебни дозволи за негова набавка. Поради строгата регулатива, голем број луѓе илегално произведуваат алкохол, кој честопати содржи метанол, кој е отровен.

Во истата област и претходно имало смртни случаи од труење со алкохол, а во 2014 година за само неколку дена од отровна ракија починаа 40 лица.