Визуелизации Пајакот на Градски паркинг за пет години собрал 2 милиони евра од...

Пајакот на Градски паркинг за пет години собрал 2 милиони евра од непрописно паркирање (инфографик)

Извор на фотографија: ЈП ПОЦ-Скопје

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје минатата година ја завршил со зголемени приходи од работењето, а пајак – службата имала зголемен обем на работа во споредба со претходните години. Возилата на пајак – службата лани собрале 15.412 непрописно паркирани возила од скопските улици, тревници и паркинзи, при што овој сектор остварил нето приход од 423.034 евра, се вели во Годишниот извештај за работењето на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје за 2019 година.

Пајак – службата минатата година функционирала со осум специјализирани возила, при што две од нив биле набавени минатата година, додека две постари возила биле донирани во Кавадарци и Струмица. Статистичките податоци за минатите години покажуваат дека остварениот приход на пајак – службата на „Градски паркинг“ се зголемува низ годините во периодот од 2016 година до денес. Заедно со нив, расте и бројот на отстранети непрописно паркирани возила низ годината. Во изминативе пет години, „Градски паркинг“ – Скопје од овој сектор успеал да заработи околу 2 милиони евра.

Наспроти зголемениот обем на работа на „пајакот“, податоците покажуваат дека отворањето на нови паркинг места за граѓаните не е најсилната страна на ова јавно претпријатие. Лани биле оспособени вкупно 921 ново паркинг место од страна на ЈП „Градски паркинг“ – Скопје, со што вкупниот број на места за паркирање што ги има ставено на располагање на возачите изнесувал 8.999, заклучно со декември 2019 година. Ваквиот тренд на отворање нови паркиралишта не го следи вкупниот број на новорегистрирани автомобили во главниот град.

Колку за споредба, податоците на Царинската управа на РСМ покажуваат дека во државава лани биле увезени 48.969 автомобили, при што голем дел од нив завршуваат кај граѓани од главниот град. Истовремено, скопските градски власти допрва ќе треба да изработат детална анализа за тоа колкав број на паркинг места му недостигаат на Скопје, како прогноза за тоа колкава би била побарувачката за паркирање кај граѓаните во претстојниот период.