Главна секција Падна сајтот на ДИК за изборните резултати, агрегаторот time.mk под сајбер напад

Падна сајтот на ДИК за изборните резултати, агрегаторот time.mk под сајбер напад

Лог запис од дел од DDoS нападот на time.mk | Принтскрин од твит на Игор Трајковски, сопственик на time.mk

Во идентичен период, во времето кога требаше да се објават конечната излезност на парламентарните избори и првичните резултати, истовремено падна сајтот на ДИК на кој се објавуваат изборните резултати, додека најчитаниот агрегатор на вести во земјава time.mk е под сајбер напад. Ниту новинарите, ниту граѓаните можат навремено да се информираат за првичните изборни резултати.

Кратко пред да падне агрегаторот на вести time.mk, тој директно ги прикажуваше изборните резултати од веб-страницата на ДИК.

Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Оливер Деркоски во изјава за „Мета.мк“ вели дека не ја знае причината поради која сајтот на ДИК е паднат во моментов. Тој посочува дека за кратко треба повторно да се појават изборните резултати и излезноста на изборите, а за причините поради кои е паднат сајтот ќе објаснат од нивниот ИТ сектор.

– Не сум експерт во таа област, не можам ниту да ви кажам. Локално ги добиваме резултатите, но не на сајтот – изјави Деркоски.

Тој вели дека до ДИК пристигнуваат првичните резултати од денешните избори, кои наскоро новинарите ќе можат да ги видат на екраните во седиштето на Државната изборна комисија. Деркоски ни објасни дека засега немаат закажано прес-конференција.

Игор Трајковски, сопственикот на time.mk на неговиот Твитер профил пред околу половина час објави дека овој агрегатор на вести е под DDOS напад.

„Досега cloudflare блокираше 3М ip адреси. Уште нови се појавуваат. Ваков DDOS до сега не сме имале. Некој фрлил многу пари да го прави ова“, објаснува во еден од своите твитови Игор Трајковски.

Покрај ова, во моментов не се достапни уште неколку веб-страници на домашни медиуми, меѓу кои веб-страницата на Тв Телма, и порталот е-магазин.