Македонија Оздравеа 36 пациенти, починаа шестмина, регистрирани 22 нови случаи на заболени од...

Оздравеа 36 пациенти, починаа шестмина, регистрирани 22 нови случаи на заболени од Ковид-19

Министерството за здравство информира дека се оздравени 36 пациенти, 22 се новозаболени од корона вирусот, а починале шестмина.

„На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починаа две лица од Прилеп, пациент на 58 години, хоспитализиран на клиниката од 19 април и 63 годишен пациент на болничко лекување од 9 април, и двајцата приклучени на механичка вентилација. Во ГОБ „8 септември“ починаа три лица, двајца пациенти од Скопје на 75 и 58 годишна возраст и двајцата хоспитализирани на 26 април, и пациентка од Тетово на 51 година, хоспитализирана од 12 април. Пред два дена почина и пациентка од Скопје на Клиниката за онкологија на 71 година. Нејзиниот позитивен резултат на Ковид-19 е стигнат во текот на вчерашниот ден,“ се вели во соопштението.

Во изминатите 24 часа направени се 362 тестирања, а потврдени се 22 нови случаи на Ковид-19 и тоа во Скопје-11, Куманово-2, Струга-1, Велес-3, Кавадарци-2, Гостивар-2 и Неготино-1. Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани со корона вирусот во нашата земја изнесува 1.421, бројката на оздравени пациенти е 589, на починати е 71, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 761.

Последната дистрибуција по градови е следна Скопје – 486, Куманово – 378, Дебар – 51, Штип-34, Прилеп –143, Тетово – 75, Струга – 65, Велес – 69, Битола –19, Охрид –15, Кавадарци – 7, Гостивар –17, Гевгелија – 4, Струмица – 2, Крива Паланка-5, Радовиш – 4, Крушево – 3, Кочани – 28, Пробиштип – 2, Кичево – 2, Неготино -5, Демир Хисар – 1, Македонски Брод -2, Пехчево- 1, Валандово -1, Виница – 2.

На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби примени се пет нови пациенти, а во моментов се хоспитализирани вкупно 52. Критично болни и на механичка вентилација се тројца пациенти, 25 се со потешка клиничка слика и на кислородна маска.

Во ГОБ „8 септември“ примени се тројца нови, а вкупно хоспитализирани 28 пациенти. Со потешка клиничка слика се тројца пациенти, а на респираторна машина вкупно шест.

Во болницата во Битола се лекуваат шест пациенти, а на домашно лекување се следат осум. Во Штип на болничко лекување има двајца, а на домашно се следат уште шест пациенти. На останатите инфективни одделенија во Прилеп, Велес, Куманово, Гостивар, Охрид, Тетово се хоспитализирани вкупно 46 пациенти, позитивни и суспектни на Ковид -19.