Македонија Овчи сипаници ги испразнија училиштата и градинките, регистрирани 3.025 случаи

Овчи сипаници ги испразнија училиштата и градинките, регистрирани 3.025 случаи

Во училиштата и во градинките е забележан зголемен број на деца со овчи сипаници, па така во некои одделенија речиси половина од учениците отсуствуваат од настава поради појавата на овој вирус.

Информацијата дека во овој период е регистрирано релативно зголемување на бројот на лица заболени со овчи сипаници, за „Мета“ ја потврдија и од Институтот за јавно здравје.

„Во 2017 година регистрирани се 3.025 случаи на мали сипаници или за 15 проценти повеќе споредено со истиот период од 2016 година. Зголемувањето на бројот на случаи е очекувано, бидејќи овчите сипаници се појавуваат сезонски, односно највисок број на случаи се јавува во периодот од април до јуни“, вели лекарот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје.

Тој информираше дека ова заболување трае кратко, се карактеризира со осип по кожата, проследен со треска и со слабост и дека вирусот е многу заразен. Периодот на инкубација е помеѓу две и три недели.

Болеста може да биде сериозна кај повозрасните и кај лицата со намален имунитет.