Хроника Откриени мигранти од Пакистан во куќа во Велес

Откриени мигранти од Пакистан во куќа во Велес

Полициска екипа вчера, во куќа во непосредна близина на железничката пруга во Велес, открила група од седум мигранти од Пакистан, кои пред четири дена илегално влегле во земјава од Грција.

Според полициските информации, откако илегално влегле во земјава, мигрантите тргнале пеш кон Србија, а вчера се сретнале со Р.С. (18) од Радовиш, со кој се договориле за сума од 190 евра да им помогне да најдат такси што ќе ги превезе до македонско-српската граница.

Радовишанецот ги зел парите, а потоа ги сместил во една од собите на куќата во која живееле неговите родители и малолетната сестра.

Полицијата вчера претпладне го пронашла Р.С., кој заедно со мигрантите бил приведен во полициската станица во Велес. Против него, како што информираат од МВР, ќе биде поднесена кривична пријава за криумчарење на мигранти.

Според МВР, тој бил задржан во полициската станица во Велес, а во текот на денешнот ден треба да биде спроведен до јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и Основниот суд Скопје 1.

Мигрантите се сместени во Прифатниот центар за странци.