Македонија Осумгодишно дете инјектира хероин, а тригодишник „дува“ лепило

Осумгодишно дете инјектира хероин, а тригодишник „дува“ лепило

Осумгодишно дете инјектира хероин, а тригодишник вдишува лепило. Ова се најмладите корисници на дроги во Македонија за кои знае Здружението ХОПС-Опции за здрав живот-Скопје. Од Здружението велат дека последните три години нема ниту едно дете помладо од 18 години што било вклучено во центрите за лекување од зависности. На Клиниката за детски болести и психијатрија прифаќале деца кои употребуваат дроги, но според Воскре Наумовска Илиевска од ХОПС, програмите на психијатрија не се соодветни за работа со тие деца.

Народниот правобранител Иџет Мемети во своето обраќање нагласи дека загрижувачки се информациите дека сè повеќе деца се корисници на дроги, а возрасната граница на деца корисници на дроги е намалена.

– Потребно е да се спроведат континуирани мерки за превенција, едукација во сите сптепени во образованието за штетноста од употребувањето на дроги, но, исто така, потребно е и да се зајакне семејството како основна заедница и да се зголемат капацитетите на органите кои вршат надзор на семејството за да може да оценат кога средината негативно влијае на детето – истакна Мемети.

Според правобранителот, координацијата меѓу министерствата за здравство, труд и социјална политика, локална самоуправа и народниот правобранител најмногу може да придонесе да се намали бројот на деца корисници на дроги.

Според истражувањето на ЕСПАД, направено во Скопје во 2012 година, на 1.146 ученици од средните училишта на возраст од 16 години, 8,7 отсто изјавиле дека имаат користено марихуана, 3,75 отсто од испитаниците кажеле дека користеле екстази, а 2,18 отсто употребувале инхаланти. Од останатите видови дроги, учениците употребувале амфетамин, ЛСД, кокаин, хероин. Дрога инјектирале 0,6 отсто од испитаниците.