Македонија Осум условни и една затворска казна за демонстрантите од 5 мај

Осум условни и една затворска казна за демонстрантите од 5 мај

Осум од вкупно деветмината демонстранти што беа обвинети за насилство за време на протестите пред Владата, на 5 мај, денеска во Основниот суд Скопје 1 се осудени на условни затворски казни од три месеци.

Условните казни нема да се изврашат доколку осудените во рок од една година не сторат ново кривично дело.

Еден од обвинетите e осуден на ефективна казна затвор од 10 месеци, бидејќи, според судот, прoтив него се водела уште една постапка за исто кривично дело.

Судот ја укина мерката притвор за сите обвинети, а на еден од нив му определи мерки за претпазливост, односно го задолжи двапати во месецот да се јавува кај овластен службеник во судот.

Деветмината демонстранти, кои беа обвинети за учество во толпа што ќе спречи службено лице во вршење службено дејствие, пред судот се изјаснија како виновни.

Тие пред судот соопштија дека без принуда и закана ја признаваат вината и оти се каат за своите постапки.

За 2 јуни во Основниот суд Скопје 1 е закажано судењето на првата група приведени по протестите на 5 мај.