Македонија Османи за предлогот на ДПМНЕ: Ако ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме...

Османи за предлогот на ДПМНЕ: Ако ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да одлучат кога ќе има избори

Нека ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да го одлучат денот на избори кога и да сакаат – и за претседателските и за парламентарните, порача Османи

фото: Министерство за надворешни работи (МНР)

Опозицијата да ги изгласа уставните измени, а потоа нека одбере термин и за претседателските и за парламентарните избори, порача денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во одговор на новинарско прашање околу можниот термин за изборите следната година.

Османи рече дека треба да се земат предвид редовните изборни термини и дека датумот на нивно одржување е повеќе техничко и логистичко прашање, отколку политичка проценка.

„Политичка проценка е оваа понуда – нека ги изгласаат уставните измени, ќе оставиме тие да го одлучат денот на избори кога и да сакаат – и за претседателските и за парламентарните. Доколку не, одиме на редовни избори. Дали ќе бидат заедно или одвоено е прашање на логистика, техника и повеќе проценки на политичките партии за да најдеме одреден консензус“, кажа Османи.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера предложи парламентарните и претседателските избори да се одржат заедно во термин меѓу „двата најголеми верски празници идната пролет“ – односно меѓу Рамазан Бајрам и Велигден.