Македонија Османи во Брисел ќе го презентира планот „18“

Османи во Брисел ќе го презентира планот „18“

Вицепремиерот за европски интеграции Бујар Османи денеска и утре во Брисел пред високи претставници на Европската Унија ќе ги презентира мерките предвидени во новиот реформски план „18“.

На средбите, како што соопштија од неговиот кабинет, ќе бидат отворени и сите останати теми поврзани со европските интеграции на земјава, а во насока на очекувањата од претстојните Самити на Европската Унија кон крајот на месецот.

Во рамки на посетата Османи ќе се сретне со високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, со Димитрис Аврамопулос, комесар за миграција и внатрешни работи, како и со Кристијан Даниелсон, генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување.

Во рамките на посетата на Брисел, вицепремиерот Османи заедно со министерот за економија Крешник Бектеши ќе се сретнат и со комесарката за трговија, Сесилија Малстром, каде тема на разговор ќе бидат трговските односи меѓу Република Македонија и Европската Унија, особено предизвиците кои произлегуваат од влошувањето на односите во делот на трговијата со челик меѓу Европската Унија и САД.

Вицепремиерот Османи во Брисел ќе одржи брифинг со претставниците на земјите членки на Европската Унија во работната група КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции на Македонија пред дипломатските претставници како и претставниците на граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на фондација Ханс Зајдл.