Македонија Османи: Од Израел се вратени 60 македонски државјани, брачна двојка е заглавена...

Османи: Од Израел се вратени 60 македонски државјани, брачна двојка е заглавена во Газа

Досега сме во контакт со 150 наши граѓани. Од нив 60 се вратени, а останатите 90 очекувам утре да бидат вратени во земјава, изјавил Османи

Фото: Влада на РСМ

Од ноќеска почнало враќањето на сите 150 наши државјани од Израел кои се пријавиле за евакуација во Македонија. Има и такви кои се чувствуваат безбедно или се во брачна врска и сакаат да останат во Израел, го пренесуваат медиумите дел од денешниот брифинг со новинари на министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Министерот меѓудругото кажал дека утре ќе се вратат комплет сите преостанати 90 наши сограѓани затечени во Израел.

„Од дваесеттемина во загрозените подрачја, донесени се ноќеска во Атина пет наши државјани. Утринава дополнителни 17 стигнаа во Атина, патуваат накај Солун, па дома. Но, имаме брачен пар заглавен во Газа. Единствениот излез им беше преку Египет, но токму кога стигнале до граничниот премин, се затвори границата, и не може да излезат ни кон Египет, ни кон Израел”, рече Османи, а пренесе СДК.

Тие се живи, амбасадорот контактирал со нив, но засега нема како да се извлечат од  Газа.

„Амбасадата во Каиро нема конкретен одговор од властите на Египет дали ќе ја отворат границата. Единствениот излез на двајцата им е Египет. Не се сами, многу луѓе кои се заглавени во Газа, чекаат да излезат преку границата со Египет“, изјавил Османи.

Инаку, македонските власти досега воспоставиле контакт со 150 наши граѓани во Израел. Од нив 60 се вратени, додека министерот Османи очекува останатите 90 утре да бидат вратени во Северна Македонија.