Македонија Османи: ОБСЕ има витална улога во справувањето со предизвиците за сајбер безбедноста

Османи: ОБСЕ има витална улога во справувањето со предизвиците за сајбер безбедноста

Османи истакна дека заедничкиот пристап во справување со сајбер заканите е уште поважен имајќи предвид дека руската воена агресија врз Украина се одвива и во сајбер просторот, загрозувајќи ја безбедноста на луѓето преку сајбер напади на владини институции, енергетски објекти, комуникациски мрежи, болници

фото: Министерство за надворешни работи (МНР)

Сајбер безбедноста не претставува само грижа за техничките системи и нивна заштита од напади, туку и грижа за луѓето како потенцијални цели на сајбер напади, истакна претседавачот на ОБСЕ и министер за надворешни работи Бујар Османи во своето обраќање на годишната конференција на ОБСЕ за сајбер/ИКТ безбедност насловена „Луѓе, доверба, отпорност: градење сајбер безбедност за сите“.

„Информатичката технологија и нејзината употреба не нè прави помалку луѓе. Ова е причината зошто целосното почитување на човековите права мора да биде услов без кој не се може дури и во оваа сфера, во која доминираат машините и нивната моќ“, рече Османи во своето обраќање на конференцијата што се одржува во Скопје.

Како претседавач со ОБСЕ, Османи рече дека работата на организацијата на сајбер/ИКТ безбедноста треба да се стави во поширок меѓународен контекст, вклучително и во работата на ОН за сајбер безбедност.

„Како регионална организација на ОН, ОБСЕ, игра витална улога во промовирањето на дијалогот, соработката, довербата и градењето капацитети за справување со сајбер/ИКТ безбедносните предизвици“, рече Османи.

Тој истакна дека заедничкиот пристап во справување со сајбер заканите е уште поважен имајќи предвид дека покрај на терен, руската воена агресија врз Украина се одвива и во сајбер просторот, загрозувајќи ја безбедноста на луѓето преку сајбер напади на владини институции, енергетски објекти, комуникациски мрежи, болници.

„Оваа војна е напад на суверена нација, но и напад на принципите на меѓународното право и  поредок заснован на правила на кои почива нашиот меѓусебно поврзан свет. Овие правила се применливи и во сајбер просторот“, рече Османи, додавајќи дека улогата на земјите-учеснички во ОБСЕ е да го променат наративот дека ниту една држава не е имуна на сајбер напади.