Македонија Османи: Најмалку што ни треба е отворање на нови прашања со соседите

Османи: Најмалку што ни треба е отворање на нови прашања со соседите

Сè уште се нејасни причините за повлекување на персоналот на амбасадата на Србија во Скопје, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, истакнувајќи дека треба да се почекаат целосните информации и да не се избрзува со „заклучоци, декларации и изјави кои што можат дополнително да ги влошат односите“

Османи наведе дека Македонија има и ќе има конректен однос кон сите соседи и дека е важно да ги затвори сите отворени прашања, како важна одредница на патот на земјата кон евроинтеграциите.

– Македонија се наоѓа во историски момент на позитивна клима и внатре и во регионот за да направиме исчекор во евроинтеграците, и ќе биде грешка на било кој ако си дозволи да отвора нови прашања со соседите. Работиме интензивно да ги затвориме прашњата со соседите. Направивме храбар чекор на затварање и потпишување на договорот со Бугарија. Разговараме за мерки на доверба со Република Грција. Најмалку што треба е отворање на нови прашања – изјави Османи, одговарајќи на новинарско прашања во врска со изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ.

Вицепремиерот, кој денеска беше во посета на Државната фитосанитарна лабораторија, истакна дека македонските власти ги охрабруваат изјавите од Србија за нормализирање на односите.

– Истите позитивни сигнали ги даваме од тука, дека сме за нормализирање на односите и за објаснување на евентуалните причини што довеле до тоа нарушување – изјави Османи.

Прашан за очекувањата од најавената посета на грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас на Македонија, Османи рече дека се во позитивно исчекување на неговата посета која претставува важна средба што ќе ги продлабочи дополнително односите меѓу двете држави и дека агендата дополнително ќе се утврди.