Македонија Османи контра Димитров: Да го задржиме нивото и довербата кои долги години...

Османи контра Димитров: Да го задржиме нивото и довербата кои долги години ги градевме

Фото: МНР

Да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години ги градевме, порача министерот за надворешни работи Бујар Османи на Фејсбук како реакција на изјавата на досегашниот вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров. Тој пак, во неговата изјава, рече дека нема целосна доверба токму во Османи.

„Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме“, напиша министерот за надворешни работи на Фејсбук.

Тој доаде дека разговорите за надминување на отворените прашања со Република Бугарија во рамките на двете Министерствата за надворешни работи, ги водат работни групи.

„Тие реферираат пред Министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв. Во истата насока, за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира Работна група – највисоко политичко тело кое по правило го предводи Премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапува при разговорите со своите колеги“, нагласи Османи.

Тој рече дека и лично и службено, како министер, неговите позиции „апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои како Влада активно се застапуваат“.