fbpx

Никола Димитров: Немам целосна доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи

-

Вицепремиерот за европски прашања во заминување Никола Димитров денеска упати критики кон Владата околу процесот за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Тој на прес-конференција рече оти нема доверба во министерот за надворешни работи Бујар Османи за преговорите со Бугарија.

„Немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има ‘драјв’ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и непродуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам“, рече Димитров.

Во врска со промените во составот на идната влада, во која што е предвидено неговата позиција да ја преземе Бојан Маричиќ, Димитров рече оти е сменет од функцијата за да го замолчат.

„Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре, особено во последната година, во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи нивната суштина ама и на стратегијата, односно текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна, разликите беа евидентни и во јавните пораки“, изјави Димитров.

Тој додаде дека во два наврати таа битка кулминирала, за што јавноста не знае, еднаш во Брисел, еднаш во Скопје. Димитров тогаш јасно кажал дека преку поставените граници нема да дозволи да се помине по каква било цена, а најмалку по цена на неговатата позиција во Владата.

Во однос на понудата која што ја добил да биде амбасадор во Вашингтон, тој вели дека со тоа не само што ќе бил тргнат од дома, туку со тоа и „ќе му се врзел зборот“, затоа што дипломатите, додека се на должност, немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома.

Димитров појасни дека нова партија што ќе биде вклучена во истиот клиентелистички партиски апарат не е потребна, но неопходни се вистински промени на самиот систем.

По прес-конференцијата на Димитров, реагираше кабинетот на премиерот во заминување Зоран Заев.

Оттаму велат дека позициите на Северна Македонија во разговорите со Бугарија се изградени со целосно владино единство и испратени како одговор од нашето МНР до бугарското МНР.

„Македонскиот идентитет и македонскиот јазик воопшто не се тема на разговор помеѓу нас и Бугарија“, се вели во одговорот од кабинетот на пермиерот.

Тие додаваат дека Димитров учествувал во градењето на македонските позиции во спорот, и неговата улога била суштинска.

„Таквите наши позиции се целосно на линија на португалскиот предлог кој беше предлог и на словенечкото претседателство, но и целосно во согласност со Резолуцијата усвоена во Собранието на Северна Македонија“, се вели во одговорот од кабинетот на премиерот Заев.

Понатаму се додава дека со овие позиции се согласил самиот Димитров, и тој имал „сериозен удел во создавањето на тие“ позиции, низ процесот кој го водел министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

„Доколку Димитров е против било што од позициите кои сме ги изградиле заедно, чесно е заради народот да го каже тоа и да објасни зошто, бидејќи во спротивно останува само впечатокот дека неговото неучество во идната влада е причина за ваквите неточни и шпекулативни јавни манифестации со цел од напред да се става товар на недоверба во владата“, се вели во реакцијата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...